Немојте никако да ја фрлате, постои намена за секоја од нив
Сите го знаеме она чувство кога сме купиле нова крема, а после недела дена сфаќаме дека таа воопшто не ни одговара. Но што да правиме со штотуку купената крема за која сме дале пари? Доколку не сакате да ја подарите некому, не очајувајте. Во продолжение ви споделуваме неколку корисни начини на кои можете да ги искористите производите за убавина кои не ви одговараат.
1.Крема за лице
Доколку кремата која сте ја купиле не одговара на вашата кожа на лицето, искористете ја како крема за раце, петици, лакти.. Ова се регии кои бараат силна текстура на крема.
2.Балзам за усни
Балзамот за усни можете да го искористите за мачкање на заноктици на рацете и стапалата.
3.Шампон за коса
Сте купиле шампон за коса и ви предизвикува првут или е премногу мрсен за темето? Едноставно искористете го за рачно перење на осетлива облека – чипка, хулахопки, градници. Освен тоа, можете да ги перите и вашите четки и козметички сунѓерчиња. Можете исто така да го употребите и за перење на плишани играчки.
4.Регенератор и маска за коса
Доколку не сте знаеле, регенераторот и маската за коса се одлични продукти наместо пена за бричење, дури се добива и многу подобар ефект отколку кога користите пена за таа намена. Вашата кожа ќе биде свиленкасто мазна.
5.Пилинг за лице
Доколку сте купиле пилинг за лице кој нималку не и одговара на вашата кожа, можете да го искористите наместо пилинг за тело, пилинг за нокти и дланки и пети пред маникир и педикир.
6.Млеко за тело
Млекото или лосионот за тело можете да ги искористите на повеќе начини. Кога косата ви е наелектризирана, само нанесете мала количина на дланките и поминете преку косата за да ги скротите дивите влакна. Исто така можете да го користите и наместо пена за бричење.