Категории

Ти посакувам среќа. Многу среќа. Среќа еден тон.

Ти посакувам среќа. Многу среќа. Среќа еден тон. Ти посакувам хармонија во домот. Ти посакувам секогаш да се разбираш со сите од прва. Ти посакувам здравје и многу весели моменти. Ти посакувам милион насмевки. Ти посакувам многу среќни утра со саканите. Биди со тие што ги сакаш и ќе видиш, ќе се увериш, не е тешко секој ден да го вариш утринското кафе. Не е тешко да го зготвиш и ручекот.

Ти посакувам што поскоро да сфатиш дека среќа е да имаш со кого да се караш дали гравот е доволно солен или не. Ти посакувам деловен успех. Ти посакувам да го работиш тоа што го сакаш. Ти посакувам ниту еден ден да не ти биде терет работата. Ти посакувам смеа во домот и топлина во срцето. Ти посакувам секогаш да го негуваш детето во себе. Никогаш не му дозволувај да порасне. Интересните искуства од таму доаѓаат. И глупавите исто. Ти посакувам да зрачиш со позитивна енергија. Ти посакувам никогаш да не ја симнеш насмевката од лице. Да, таа прекрасната.

Ти посакувам сите зацртани цели да ги оствариш. Ти посакувам сила и истрајност за во тешките моменти. Ти посакувам смиреност во нервозни ситуации. Ти посакувам и трпеливост. Биди трпелив, но не и мрзлив. Бори се за себе. Стани и сегогаш оди по тоа што го сакаш. Не барај изговори. Не барај оправдувања. Стани и зграпчи го животот. Работата. Девојката. Ти посакувам здравје и румени образи. Ти посакувм што поскоро да го откриеш светото тројство против секоја настинка и болест: љубов, хуманост и позитивна мисла. Ти посакувам да го прошеташ светот. Да пробаш многу јадења. Да направиш многу спомени. Да стекнеш нови искуства. Ти посакувам газот да го осолиш во многу мориња. Ти посакувам многу прочитани книги.

Ти посакувам никогаш да не престанеш да учиш и да се надоградуваш. Најмногу од се ти посакувам никогаш да не помислиш дека се во животот знаеш. Зошто постои и Марфи. Многу убаво ќе ти докаже дека баш и не си знаел така многу. Ти посакувам што поскоро да ја пронајдеш сродната душа. Да имаш за кого секој ден да стануваш се подобар и подобар. Ти посакувам да ти се случи љубов. Голема. Искрена. Ти посакувам многу испрани теписи во дворот прскајќи се со твоите деца. Ти посакувам многу родителски со горди краеви. Ти посакувам многу блескави моменти. Ти посакувам засекогаш да го имаш тој жар за живот и тој сјај во очите.

Ти посакувам да веруваш во магија. И магија ќе ти се случи. Ти посакувам секогаш да се сакаш себеси. Ти посакувам секогаш да бидеш пријател со своето тело. Ти посакувам многу истрчани километри. И на стаза и со џогер. Ти посакувам само искрени пријатели околу тебе. Ти посакувам длабока старост. Старост со шахот на клупа. Старост со внуците во паркот.

Ти посакувам светот да биде твој. Ти посакувам само убави нешта. Ти посакувам волшебства. Ти посакувам…

 Габриела З.

Прегледи:
2176
Објавено на:
20.02.2020