Категории

Во книжара купував книга за поклон. Влегува девојка. Разгледува ли разгледува…

Во книжара купував книга за поклон. Влегува девојка. Разгледува ли разгледува. Најде една книга на попуст за 230 денари. Ја вртеше во рацете, ја отвараше, затвараше, допираше, па ја оддалечуваше од себе, онака да ја види од подалеку.

Како да ја бираше по боја, хартија и дизајн, како да ја бираше за на полица, да одговара со мебелот, а не по автор и содржина. Поприлично пребирлива. Но ок. До тука беше во ред. Продавачката ѝ пријде кога виде дека е неодлучна: „Ви треба помош? Сакате да ви ја спакувам?“ „Не“, одговори девојката. „Скапа ми е.“ Инаку, носеше Прада ташна и изгледаше и повеќе од пристојно стокмена. Толку успеав да забележам. А да, и вештачки нокти имаше. Едно вградување е минимум 500 денари. Ние жените тоа си го знаеме. Само во ноктите имаше 3 книги на попуст.

Тоа се тие наши вредности. „Ане нокти евтино!“ чини и вреди три пати повеќе од една книга. Ноктите ги ставаш еднаш, па ги фрлаш после 2 недели, а книгата ја купуваш еднаш и ја имаш цел живот. Е сега има една разлика. Голема. Ноктите светкаат, а книгите не. Што знам… да беше корицата со светки… може ќе пуштеше срце и ќе ја купеше… Ќе ѝ светнеше и во главата, а не само на рацете…