Категории

Зошто Врнежливите Денови Се Најдобри За Читање Книги?

Книгите кријат безброј мудрости, раскажуваат животни приказни, не забавуваат и растажуваат, но едно е сигурно – тие ни се најдобар пријател во чие друштво никогаш не ни е здодевно! 

На овој дождлив ден налетавме на едно интересно писание на аndejankov.com за дождливите денови и книгите, па решивме да го споделиме со вас!

 

Општо е познато дека голем број од луѓето не сакаат врнежливи денови, особено кога истите се случуваат за време на викенд. Никој не излегува надвор доколку не мора, и доколку не решите да го преспиете целиот ден, тогаш мора да најдете некаква занимација додека дождот надвор не престане да врне. Веднаш се појавуваат две опции: Bing-ување на вашите омилени серии на интернет, или пак според мене уште подобро, читање на некое добро парче книга, особено поради фактот што при врнежливо време надвор, истото задоволство е далеку поголемо отколку во денови со убаво време.

Само замислете, при такви временски прилики, приморани сте да останете во своите кревети / фотељи, и всушност да и посветите ВРЕМЕ на книгата која што сте одбрале да ја читате во тој момент. Во овој случај не доаѓа во предвид да ги извртите деловите од филмот / серијата кои што не ви се допаѓаат, туку мора внимателно да се сконцентрирате доколку сакате да разберете што авторот сака да каже (иако доколку станува збор за не-фиктивни книги, тогаш можеби и можете да си дозволите да скокнете некоја страница).

На овој начин, можете подобро да ги анализирате карактерите во книгата, да ги разберете нивните мотиви, или пак да го разберете следниот plot-twist, се разбира само доколку вашите паметни телефони се исклучени или пак ставени на нечујно. Кога читате книга при убави временски услови, голема е веројатноста да во секој момент некој од вашите пријатели ве повика да излезете на прошетка или кафе, ситуација во која е далеку потешко да се оддолее на предлогот и да се продолжи со самото читање.

Барем за мене, еден добар книго-врнежлив ден (си признавам, штотуку го измислив претходниот збор), мора да задоволи барем еден од следниве критериуми: да читате книга со завидлива големина која подолго време ви стои на списокот со книги-кои-сакам-да-ги-читам-но-никако-не-се-решавам-да-ги-почнам; трилер или крими роман кој e премногу добар за да не се прочита во еден здив; или пак некаква лесна или меланхолична драма / романса која го отсликува самото време надвор.

Затоа, pick your poison, сварете си кафе или чај, опуштете се и задлабочете се во книгата која што сте ја одбрале. Притоа, имајте на ум дека сето тоа уживање е благодарение на временските неприлики надвор.

Прегледи:
1058
Објавено на:
20.03.2021