Јована Трајчева и Мимоза Ќека се млади и талентирани пијанистки кои досега имаат постигнато бројни успеси, настапувајќи пред љубителите на класичната музика кај нас и во странство. За нив допрва ќе се слуша, бидејќи поседуваат сѐ што е потребно за да застанат рамо до рамо со светски познатите пијанисти. За почетоците и вљубувањето во класичната музика, нивните досегашни успеси, како и идните планови, во ова издание на #365среќа разговаравме со нив на „Бродот на среќата“.
1. Како изгледаше вашето запознавање со музиката и како се роди љубовта кон пијаното?
Јована: Љубов кон музиката мислам дека имам отсекогаш и покрај тоа што никој од моето семејство професионално не се бави со музика. Паметам дека уште од мала сакав да играм и да пејам и многу често им правев домашни претстави на моите најблиски, а како исполнување на таа желба настапив на детскиот фестивал СиДо во Битола. Потоа се запишав во музичкото училиште Илија Николовски Луј и љубовта кон пијаното се роди најспонтано. Почнав да свирам на седум годишна возраст, а како најзаслужни за мојата понатамошна дружба со пијаното и за таа љубов која денес покрај тоа што е љубов ми е и професија, најзаслужни се моите професорки Кармен Костова, Људмила Романова и Нина Костова, кои несебично со огромна поддршка и мотивација ми го посочија вистионскиот пат за правилна работа и успех. Дипломирав (2015) и магистрирав (2017) во класата на проф. Нина Костова при Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Мимоза: Уште од најрана возраст се сеќавам дека бев фасцинирана од класичната музика, го слушав Павароти и се обидував да ги пејам истите арии, а со оглед на тоа што дома веќе имав пијано, сосема природно беше да започнам да го изучувам инструментот, па така и првите часови по пијано беа уште на моја петгодишна возраст, а потоа се запишав во музичкото училиште Илија Николовски Луј. Љубовта кон инструментот и музиката се потврдуваше со секоја нова изучена комопзиција и со секој настап што следуваше, професорите несебично го пренесуваа своето знаење, па така и мојата желба и мотивација за изучување на пијаното беа сѐ поголеми.
2. Иако сте многу млади, зад себе имате богато искуство настапувајќи на концерти и фестивали, а вашиот талент не останува незабележан. Кои настапи би ги издвоиле како најдраги?
Јована: Секој настап ми претставува задоволство и предизвик и сите ми се драги, без разлика дали ме слуша голема или мала публика. Тоа е одговорност и чест и секогаш, баш секогаш да се трудам да дадам се од себе и да уживам а секако со мене да ужива и публиката било тоа да е публика од 50 или 500 луѓе. Нема поголемо задоволство после успешен концерт да се слушнат пофалните зборови на задоволната публика.
Како позначајни ќе ги издвојам настапот со Македонска Филхармонија, рециталот во црквата Св. Софија во Охрид, концертот во Париз – полурецитал со Нина Костова, настапот со Македонска Филхармонија за град Скопје, концертот посветен на еден од најзначајните македонски композитори ,,Портрет на Зографски’’, настапите во рамки на циклус концертите Musica Viva при Факултетот за музичка уметност во Скопје, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, сите рецитали низ нашата земја ми се значајни и драги, а како посебен ќе го издвојам и Хуманитарниот концерт за СОС Детско Село минатата година кој заедно со Мимоза го направивме со најголема љубов и задоволство, а беше навистина успешен особено затоа што успеавме да помогнеме на оние на кои навистина им треба и им значи нашата помош преку собраните финансиски средства од билетите. Тоа беше неаборавно искуство и уживање.
Мимоза: Концертирањето како што веќе спомнав започна уште во првата година од изучувањето на пијаното, а се разбира со текот на годините настапите стануваа се побројни. Дипломирав во класата на Проф. Тодор Светиев, каде што сум моменталнои и на докторски студии, а магистрирав кај Проф. Лилија Зилберштајн. Во текот на студиите имав можност да настапувам на циклус концертите на Musica Viva при Факултетот за музичка уметност во Скопје, а потоа и на фестивалите Sienna Summer Festival каде што бев и на усовршување во Accademia Musicale Chigiana (2015-2017), Фестивалот на Франкофонијата ,, Солеј‘‘ во Созопол, Бугарија, Concerti del Tempietto во Рим, Италија, а бев дел и од концертната сезона на Музичкиот клуб во Бристол, Обединето Кралство – Bristol Music Club во февруари годинава.
Свои настапи имам остварено и на домашните фестивали како Денови на македонска музика, Есенски музички свечености како и свој целовечерен рецитал во рамки на фестивалот Златна Лира. Покрај соло настапите, во мојата концертна дејност се вбројуваат и настапите во камерни состави, и тоа како дел од составот КонТемпора за современа македонска музика, со Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност под диригентство на Саша Николовски Ѓумар, а многубројни се и пијано дуо рециталите каде што можам да го издвојам Хуманитарниот концерт за СОС Детско село во ноември 2018 година заедно со Јована Трајчева.
Овој концерт беше од огромно значење бидејќи започнавме една традиција на организирање на хуманитарни концерти на класична музика во нашата земја, а за светска организација како што е СОС Детското село, а кои концерти во странство се дел од редовната програма на најеминентните музичари, оркестри и диригенти.
3. Музиката е најдобриот начин да се претстави една држава во светот, а вие важите за млади амбасадори чии настапи се одлично прифатени каде и да одите. Колку сте задоволни од македонската публика и дали кај нас класичната музика се вреднува онака како што заслужува?
Мимоза, Јована: Како уметници музичари нашата должнст кон публиката е да ја пренесеме музиката и музичките дела онака како што композиторот ги замислувал, па така, многу е значајно во текот на изведбата да се пренесат емоциите и секој детал од музичкото дело на еден уникатен начин каде што публиката ќе има можност тоа да го препознае и да ги доживее најразличните емоции во текот на целиот концерт. Нашите концерти се одлично прифатени од страна на публиката без разлика дали станува збор за концерти во странство или на домашната сцена.
Изборот на програма исто така е еден од факторите за успешен концерт, па така се трудиме на нашите настапи да има најразлична програма, односно застапеност на великаните во музичката историја, но и да изведуваме дела и на нашите македонски композитори. Може да заклучиме дека и македонската музика во странство е одлично и со овации прифатена од страна на публиката.
Во нашиот постојан репетроар како дуо така и соло, се вбројуваат дела од С. Рахмањинов, М. Равел, Ф. Шуберт, А. Пјацола, Д. Бужаровски, Г. Коларовски, Т. Зографски. Публиката несомнено го препознава квалитетот на изведените дела на секој наш настап, а огромна поддршка на домашната сцена имаме од г-ѓа Панда Зографска која е редовен гостин на нашите концерти.
4. Среќата е емоција која што сите ја толкуваме на различен начин. За некого е потребно многу, а за некого малку за да ја доживее. Што ве прави вас среќни?
Јована: За мене највистинска и најголема среќа е присутноста на моето сeмејство и моите најблиски кои ми ја пружаат најголемата поддршка во сѐ што правам. Jас сум човек кој сака да е опкружен со љубов и луѓе и сметам дека среќа е всушност да има со кого да се споделат најголемите успеси и емоции.
Мимоза: Среќата може да биде опишана на многу начини, а еден од нив е чувството после успешно реализиран концерт, кога сите емоции пренесени и доживеани низ музицирањето и споделени со публиката ја сочинуваат вистинската слика за она што значи среќа. Всушност, исполнети срца, доживеана музика како и споделена радост со луѓето кои што те опкружуваат за мене означува среќа.
5. Кои се вашите планови во иднина и што може да очекува македонската публика од вас?
Јована, Мимоза: Планови имаме многу, како соло така и дуо. Во текот на наредната сезона планираме да оствариме настапи на домашната сцена, но и надвор. Се разбира и програмот кој што го подготвуваме е интересен и динамички возбудлив за публиката, планирана е концертна пијано дуо турнеја и се надеваме дека и вие и сите љубители на класичната музика ќе бидете дел од нашата заедничка среќа.