Категории

#365среќа Коста Петров: „Сите ние сме создадени за големи работи. Дозволете си да ви се случат“

Инспиративна личност, кого многумина го запознаа преку неговите книги, па поради пристапот и начинот на изразување, за кратко време публиката го препозна неговиот квалитет и стана еден од најпродаваните македонски автори.

Покрај неговите добро познати книги, тој е основач и извршен директор на „Пи Ворлд“, глобална креативна агенција основана во Македонија, со присуство во триесет земји во светот, меѓу кои се САД, Канада, Јужна Кореја, Иран, Катар, Мароко, Јордан, Азербејџан, Србија, Хрватска и Русија. Во денешното издание на рубриката #365среќа на наше огромно задоволство зборуваме со Коста Петров.

1. Несекојдневно е, особено кај нас, толку млад човек да може да се пофали со толку многу успеси. Но, колку и да изгледа тоа едноставно, реалноста е друга. Како што е насловена и твојата последна книга – никој не рече дека ќе биде лесно. Како изгледаа твоите почетоци и колку време беше напорно и тешко пред да биде лесно?

Пи Ворлд ја основавме во 2010-та година. Уште од самиот старт имав апсолутна сигурност дека не само што ќе успееме туку и дека ќе ги надминеме и нашите најоптимистички очекувања. За неполни осум години успеавме да се позиционираме во 33 земји на 4 различни континенти и сето ова го направивме од тука од Македонија.

Да бидам искрен, почетокот, во споредба со сè друго што се случуваше последниве осум години, всушност беше лесен. Знаете, на секој почекот најчесто сме полни со позитивни енергија, имаме сигурност во нашиот успех, работиме макотрпно и едноставно не оставаме простор за неуспех. Тешкиот дел е оваа возбуда и апсолутна сигурност да ги задржиш и по пет, десет, петнаесет години. Во овие осум години прославивме многу успеси- ние сме првата агенција на која и е дозволено да работи во Иран и првата агенција што воопшто организирала глобални настани во над 20 земји во развој. Минатата година го организиравме и нашиот прв настан во Њујорк.

Сме работеле на проекти со холивудски ѕвезди, кралски фамилии и влади. Но, секогаш постои но. Кога имаш големи амбиции и големи соништа, и предизвиците се многу поголеми од што очекуваш. Во овие осум години сме преживеале терористички напади, колапс на економии, санкции, пад на цена на нафта, војни, државни удари и сме биле неколку пати многу блиску до банкрот токму поради овие работи, работи кои не можеме да ги контролираме. Кога добро ќе размислам, единствено нешто што не сме преживеале е инвазија на вонземјани. И некако, не знам како, не можам да објаснам, се уште сме тука. Секоја година влегуваме во 5-6 нови земји и без разлика на тоа колку била тешка ситуацијата сме преживеале.

Со тек на време научив дека не треба да се нервирам за работи што не можам да ги контролирам. Секогаш го давам максимумот и без разлика на тоа што живееме во свет што постојано се менува, мојата возбуда е иста како и првиот ден. Јас едноставно не верувам но и немам време за неуспех. Во исто време знам дека ништо големо во животот не доаѓа лесно.

2. Отворено говориш и за негативните состојби, како што е анксиозноста предизвикана од стравот. Доколку не се соочеше со овој проблем, дали мислиш дека ќе го ценеше и ќе гледаше денес на ист начин на својот успех?

Стравот и анскиозноста сеуште се присутни во мојот живот. Единствената разлика е тоа што веќе не им обрнувам внимание. Научив дека не треба да ја трошам мојата енергија за да водам битки, да го победам стравот или да ја победам анскиозноста. Мојата енергија ја фокусирам на позитивни работи, на позитивните моменти во мојот живот, на позитивните луѓе, на моето семејство. Прекраток е животот за да го поминеме во состојба на страв.

3. Твојата агенција организира настани низ целиот свет, па поради тоа патувањата се дел од твоето секојдневие. Освен најблиските, што е она што те врзува за Македонија?

Имам работа од соништата и можност да патувам насекаде низ светот но на крај секогаш си се враќам дома. Ние сме далеку од идеална земја, полни сме со негативност, секогаш подготвени да критикуваме а ретко да кажеме браво, но научив да не се фокусирам на тие работи.

Имам семејство за кое сум подготвен да направам се, пријатели кои се покрај мене и кога сум на врвот и кога сум во калта и колеги со кои и најголемиот предизвик изгледа лесен. Живеев 11 години во странство и она што можам да го кажам е она што го имаш внатре во себе, тоа ќе го носиш насекаде со тебе, без разлика дали живееш во Македонија или во Америка или во Германија. Кога ќе научиш дека единствено нешто што можеш да промениш е самиот себе а не тоа околу тебе, тогаш кај и да си ќе го живееш животот од соништата.

4. Најубавите емоции можеби е најтешко да ги дефинираме и објасниме со една реченица. Среќата како една од нив, во различни периоди од животот има различно значење. Што претставува среќа за тебе сега, во овој момент?

Интервјуво го пишувам од Калгари, Канада каде што сум во моментов на еден наш настан. Пред само неколку минути се слушнавме со ќерка ми за да и посакам добра ноќ. Тоа е за мене среќа. Нејзиниот глас, насмевка и тоа – те сакам тато. Само тоа е среќа. Научив дека успехот на мојата компанија не ме дефинира мене како човек. Љубовта кон себе и луѓето околу мене, е тоа е среќа.

5. За крај, како еден реализиран млад човек кој нескромно може да се пофали со многу успеси, кој е твојот совет за сите млади луѓе кои се трудат да успеат и да се пронајдат себеси?

Прво, не ја следите толпата. Ако сите околу вас одат десно, вие одите лево. Второ, опкружете се со луѓе пред кои можете да бидете тоа што навистина сте а не тоа што другите сакаат вие да бидете. Трето, верувајте во вашите соништа, работите на нив, фокусирајте се на нив, паднете, станете, се е тоа нормално. Останете фокусирани на вашиот успех и тој ќе дојде кога најмалку ќе очекувате. Сите ние сме создадени за големи работи. Дозволете си да ви се случат.