Категории

#365среќа Сим Салтирова: „При шминкањето се трудам да ја нагласам специфичноста на секоја жена“

Уметност создаваат луѓе кои во себе носат некоја дарба за претставување, разубавување и надополнување на реалноста и се она што не опкружува. Жената отсекогаш претставувала инспирација во многу аспекти од уметноста, со цел да се истакне нејзината специфичност, убавина и индивидуа.

Кога зборуваме за убавината на жената и нејзиното потенцирање, не можеме да не ја поврземе со методите преку кои таа се манифестира, а секако шминката е составен дел од нив. Во различни временски периоди се менуваа и мејкап трендовите, но она што останува непроменливо е среќата која секоја жена ја чувствува кога на своето лице ја има соодветната шминка.

Токму на оваа тема зборуваме со Сим Салтирова, мејкап артист. Она што е специфично во нејзината техника при шминкањето е трансформацијата која ја создава кај секоја жена, но истовремено задржувајќи ја и нејзината препознатливост и индивидуалност. Поради нејзината уникатност во работата, ова издание на #365среќа е резервирано токму за неа.

1. Да се биде успешен мејкап артист покрај дарбата, потребно е големо посветување, концентрација и континуирано усовршување на техниките. Како се одлучи за оваа професија и како изгледаа твоите почетоци?

– Одлуката дојде сама од себе, сосема спонтано. Кога ќе се навратам наназад, сфаќам дека љубота кон шминкањето сум ја гледала само како хоби и страст, љубопитност да се знае повеќе за мејкап производите, начините на нанесување, комбинациите на бои и не сум била доволно свесна дека тоа е мојата идеална професија.


Морам да напоменам дека пријателките беа моите први “клиенти“ кои посакаат да ги нашминкам гледајќи ме мене како се шминкам, а потоа се повеќе девојки почнаа да го препознаваат мојот талент и самите да ме бараат и така започна мојата приказна.


2. Шминката преставува еден вид „оружје“ на девојките за нагласување на убавината и прикривање на недостатоците. Кои се најчестите грешки кои ги прават девојките при шминкањето, па како резултат на тоа постигнуваат контра ефект?

– „Less is more“ за мене претставува начело по кое се водам при шминкањето. Секогаш акцентирам една до две карактеристики, а останатото го оставам во заден план. Најчестите грешки кои ги забележувам кај девојките се пренагласеност при контурирањето, како и преголемо потенцирање на веѓите и усните. Секојдневната инспирација ја црпам гледајќи убави жени на улица, во продавници, во списанија, а на истиот начин ги забележувам и грешките.


3. Многу мејкап артисти практикуваат одреден тренд и начин на шминкање и нивните модели изгледаат речиси идентично, а сепак свесни сме дека убавината е во различностите. Гледајќи ги твоите слики очигледно е користењето на различни техники, бои и стилови. Како успеваш кај секоја девојка да го истакнеш најубавото, а притоа да не наликува на некоја друга?

– За мене, секоја девојка е единствена, запознавањето со неа ми е од голема важност, а убавината сметам дека првично се рефлектира одвнатре, бидејќи енергијата која што личноста ја шири е пресудна за тоа. Исто така многу е важна намената на шминката, односно дали станува збор за одреден настан, а секако внимавам да биде во склад со облеката и доколку девојката има посебна желба, секако прифаќам сугестии. Специфичноста на секоја девојка се трудам да ја нагласам преку мојата шминка, додавајќи мој личен печат.


4. Настрана од професијата, што е она што во тебе ја буди најубавата емоција – среќата?

– Со оглед на тоа што мојата професија ми наложува постојано да сум во позитивна атмосфера опкружена со девојки кои се подготвуваат за некоја убава пригода, настрана од професијата, во приватниот живот среќата ја црпам во друштво на моите пријатели и при патувањата.


5. Со почетокот на пролетта започнува и предматурската еуфорија, а шминката покрај облеката е најважниот дел од неа. Кој е твојот совет до сите идни матурантки за да заблескаат на матурската вечер?

– На младите девојки кои завршуваат едно поглавје од образованието би им препорачала дека е најважно да бидат свои за матурската вечер. Бидејќи ова е посебен настан за нив, можат да си дозволат и гламурозен изглед, но треба да се потрудат да изгледаат соодветно со годините, како при изборот на шминка, така и при изборот на облека.