Категории

#365среќа Катерина Спасевска: „Кога сите би биле благодарни секој ден, би живееле поубаво и посреќно и би владеела поинаква енергија насекаде и колективна свест“

Движењата во ритамот на салса, фламенко и латино музиката Зумбата претставува забава со танцување, а притоа преку движењата се активира секој мускул од вашето тело. Оваа дисциплина инспирирана од латино танците е најпопуларниот начин на вежбање токму поради својата динамика и забава. Во текот на еден Зумба час, просечно се трошат 369 калории – повеќе од кардио кикбокс или аеробик.

Во ова издание на #365среќа зборуваме со Катерина Спасевска, Зумба инструкторка и најголемиот „виновник“ за големите Зумба забави низ нашиот град.

1. Поголемиот дел од јавноста те запозна преку твоите Зумба часови и забави кои се општоприфатени и собираат голем број луѓе на едно место, забавувајќи се и танцувајќи во ритамот на латино звуците. Како се роди твојата љубов кон оваа дисциплина и што претставува таа за тебе?

Целата приказна започна 2010 година, кога пријател ме покани да му бидам партнерка на латино танци. Во тој период од животот сакав некоја промена, и оваа понуда ми кликна од старт. Бидејќи не пропуштав час ниту латино забави за да учам и да се усовршувам е показател дека навистина се навлеков на овој новитет за мене.

После 3 месеци на радио слушнав објава за курс за Зумба инструктори во едно студио во Скопје, кој ќе биде воден од Специјализирана Инструкторка Кубанка. Веднаш се пријавив. Всушност тоа е првиот контакт за мене со Зумбата, а најмногу е заслужна личноста што ни пренесува љубов и страст кон овој забавен начин на вежбање. Засекогаш ќе и бидам благодарна на Сирсе Колас Кано. Почетоците како инструктор не ми беа многу успешни, поминав низ обиди за креирање на групи, работа со деца, работа со возрасни но позади секој успех стои упорност верба, работа на себе и искуство.

Зумбата како дисциплина ја обожавам првенствено бидејќи е динамична и забавна. Потоа креативна, спонтана, откачена, невообичаена, поинаква, едноставна, магична. Би кажала дека опишува тоа што е Катерина. Јас ја живеам Зумбата.

2. Неодамна бевме сведоци на еден хуман гест од твоја страна кој е поврзан со продавницата Копче. Ти реши да подариш голем дел од својата облека токму во оваа продавница сѐ со цел да ги израдуваш сите оние кои купуваат облека во Копче. Што беше твојот главен мотив поради кој почувствува потреба да го направиш тоа?

Верувам во универзум. Верувам во давање бесконечно. Дај тоа што имаш- насмевка, прегратка, енергија, поддршка, љубов, помош, финансии, сподели храна, облека. Кога даваме било што од ова ослободуваме енергија од себе и отвораме простор за нови убави работи. А пред сѐ кога го правиме тоа ни се создава внатрешно убаво чувство, и со тоа чувство – кои ги нарекувам високи вибрации, привлекуваме други убави ситуации во текот на денот.

Идејата да донирам дел од мојата облека за Копче беше сосема случајна да биде таму, ги посетив моите пријатели на Бродот на среќата и таму ја видов изложената кутија за донација на облека. Бидејќи сум во фаза на нови промени во животот, тргнав и од драстично чистење на облеката, верувам дека тие парчиња ќе допринесат да се чувствуваат некои поубаво, а јас олеснето хаха. Некогаш не сме свесни дека некој во моментот е гол и бос и нема можност да си купи, а ние се жалиме дека немаме што да облечеме поради голем избор. Тука станува збор за неблагодарност.

3. Твоите Зумба настани се разликуваат од сите останати бидејќи знаеш како да оставиш свој печат на она што го правиш. Колку енергија вложуваш во тоа и од каде ја црпиш инспирацијата?

Атина, Зумба Мастер Клас, со основачот на Зумба, Колумбиецот Бето Перез

За да настаните изгледаат како што изгледаат, прво се видени надвор од Македонија а потоа се створени како визја во мојата глава. Во моите почетоци се тресев од возбуда кога гледав на Зин Зумба цедињата и на јутјуб како сите се облечени, уникатни, колоритни, техники на движење, комуникација со вежбачи- клиенти, каква енергија владее и си реков ова ќе го има и кај нас.

Зумба во Миконос, лето 2018

Позади сето тоа стои пред сѐ голема желба, љубов кон тоа што го правиш, ивестиција од време, инвестиција од средства за да си овозможиш пат и сместување во друга земја, инвестиција во Зумба гардероба, инвестиција во лиценца и едукации за посета на мастер часови и многу ентузијастичка енергија. Благодарна сум што имам слобода во работата и можам да си го дозволам сето тоа и да го гледам како приоритет и инвестиција на долг рок.

Аква зумба, Миконос

Јас сум среќна со тоа, а и луѓето што ги посетуваат тие настани и часови. Благодарна сум што секаде каде што патувам приватно спојувам со корисно- исполнување на времето со часови кај инструктори кои ме инспирираат од светов. Во Брисел, Мадрид, Атина, Париз, Солун итн… Како интернационално лиценциран инструктор секој месец се здобивам со нови песни и кореографии водени од моите Зумба гуруа, од нив ја добивам дополнителната инспирација.

Зумба во Брисел со Ninna Shabljaskaja

И секако Зумба не се игра сам, не би биле тие настани и часови ако не се ликовите кои ме поддржуваат овие години и даваат љубов која ја возвраќам и инспирација да бидам подобра. Моето Зумба Семејство. Ве сакам!

Зумба забава со флуоресцентни бои

4. Среќата е релативен поим кој многумина го толкуваат на различен начин. Што е среќа за тебе?

Среќа е да бидеш благодарен. Благодарен за секое ново утро и нов ден. Благодарност за тоа што сме здрави и постоиме. Благодарност за тоа што имаме дом, храна и вода. Благодарност за тоа што имаме семејство. Благодарост за искуствата што ги имаме добри или помалку добри, бидејќи од сѐ учиме секојдневно и од тоа се спознаваме кои сме ние вистински. Благодарност за работата што ја имаме каква и да е. Кога сите би биле благодарни секој ден, би живееле поубаво и посреќно и би владеела поинаква енергија насекаде и колективна свест.

5. За крај, што би им порачала на читателите на среќа.мк? Кое е твоето животно мото?

Не е битно што мислат другите, битно е ние што мислиме и во што веруваме. Не се плашете од непознати искуства, тие прават да се спознаеме себеси кои сме. Читајте повеќе книги, зошто менуваат перцепција на размислување и поквалитетен живот. Така ќе го живееме својот сон.