Категории

Дали индустријата за убавина ќе се промени по пандемијата?

Додека траеја рестриктивните мерки поради пандемијата, затворени беа сите салони за убавина, како и сите продавници за производи за убавина. На кој начин ова ја промени индустријата за убавина?

Иако луѓето не прекинаа да се грижат за својот изглед, тие почнаа тоа да го прават на поинаков начин. На пример, луѓето кои одеа на депилација, почнаа да се депилираат сами дома. Луѓето кои одеа во салоните за нокти, почнаа на поинакви начини да се грижат за своите нокти. Луѓето кои редовно се потстрижуваа и се фарбаа, исто така, ги променија своите навики.

Всушност, некои луѓе почнаа овие третмани да ги прават сами, во домашни услови, но голем дел, едноставно, прекинаа да ги прават. Луѓето сфатија дека одреден дел од тие ритуали ги правеле само за да изгледаат поубаво пред светот, и сфатија дека можеби не им се ни толку потребни. Па така, голем дел од „зависниците“ од шминка, станаа „зависници“ од фацијални третмани за убава кожа и без шминка. Така што, некои решија да ја „откачат“ индустријата за убавина, а некои само заменија едни производи, со други.

Но, каде ова ги остава производителите на производи за убавина, а и работниците во истата индустрија, дури и по пандемијата?

Голем дел од производителите на шминки, ќе треба да се пренаменат во производители на грижа за тело кои не се поврзани со шминка. Третмани за ексфолијација, креми за хидратација, ноќни и дневни креми, мицеларни води и многу други производи можат да станат достапни од страна на досегашните производители на шминки.

Но, што ќе биде со работниците во козметичките салони? Секако, голем дел од нив ќе си продолжат со работа, но голема е веројатноста дека тоа ќе биде со намален капацитет, барем некое време. Во меѓувреме, овие талентирани луѓе можат да ја споделуваат и да заработуваат од својата уметност на социјалните медиуми. Дури и во нашата држава може да се склучат партнерски договори со некои производители, па козметичарите да прават туторијали, рекламирајќи ги овие производи и помагајќи им на сите оние кои се чувствуваат побезбедно дома, да останат средени и убави.

Прегледи:
595
Објавено на:
01.06.2020