Вистински рај за љубителите на храна е профилот на @snestorovskaa, особено за сите гурмани кои имаат желба да се хранат здраво.
Стефанија не храни визуелно, а воедно не храни со инспирација и рецепти. Нејзиниот профил е фокусиран на храна и рецепти, но ја запрашваме која е Стефанија?
„Хмм.. во кратки црти имам 24 години, воедно имам full time job, вежбањето ми е дел од секојдневната рутина веќе неколку години. Желбата за подобра исхрана почна сосема спонтано и се разви во ова што го правам денес. Смислување, тестирање и подготвување храна со здрави намирмици ми е начин на релаксација, нешто што прави да се осеќам убаво кога го јадам и кога го приготвувам.“
Таа е доказ и потсетник дека нашето здравје и тело се најважни, а процесот на нивно одржување во идеална форма вклучува многу здрави намирници, кои со добро комбинирање го кршат ставот на многумина дека здравата храна не е вкусна. Но, Стефанија исто така не потсетува дека важно е да се истражува, да се учи, но доколку немате време и трпение за тоа, следете ги нејзините рецепти и предлози.
„Обожавам да читам и истражувам како храната прави да се осеќаме во текот на денот, колку е важно што јадеме и како тоа влијае на телото и колкаво значење има. Сите тие информации ги споделувам и на инстаграм и ме прави многу среќна кога тие совети и рецепти се помош или инспирација и за другите луѓе.“
За одличен изглед, вежбањето и исхраната одат во пар. Која е твојата фитнес рутина?
„Вежбам околу 5 пати во неделата и вообичаено тоа се HIIT тренинзи што се фокусираат на целото тело,со сопствена тежина и со голем интензитет. И многу многу потење што на чуден начин ми прави огромна сатисфакција.“
Многумина се жалат дека немаат време да се хранат здраво, дека не можат да се хранат здраво додека се на работа. Имаш ли совет или трик кој би им го кажала?
„Ќе звучи клише ама не постои „НЕМАМ ВРЕМЕ“ за нешто што навистина сакаш. Сите ги имаме истите 24 часа во денот, а тоа како ке ги искористиме останува на нас и сопствените приоритети.“
„Најдобриот совет што можам да го дадам и јас самата го практикувам е однапред спремање на оброци. Еден ден во неделата најмногу 2-2,5 часа поминати во кујна буквално ја олеснува исхраната и оброците во текот на целата неделата, особено за оние кои имаат постојана работа.“
Имате уште изговори? Нека оваа млада девојка ви послужи како пример и мотивација дека можете секојдневно да се храните здраво, со малку вложен труд.
Нејзиниот профил е инспирација за целосна промена на вашата исхрана. Ќе ви даде идеја за појадок, здрав десерт, ручек или брз оброк додека сте на работа. Многу идеи и многу рецепти има на нејзиниот профил, ја прашавме кој е нејзиниот омилен оброк, а воедно да сподели со нас некој рецепт.
„Конкретен одговор немам, сè е во зависност за кој дел од денот се работи и каква желба имам. Некогаш тоа е благо, некогаш солено.“ вели таа. Од здравите рецепти ги издвојува банана бомбиците, за кој вели „ова е еден понов што неочекувано стана многу популарен.“
Банана бомбици:
1 банана, 4 урми, 1/2 шолја кокос, 1 шолја ореви, 2 лажички кокосово масло, 2 лажички цимет, 1/2 лажичка мед. Се блендираат сите состојки во блендер додека не се соединат. Се формираат топчиња и по желба се преливаат со стопено црно чоколадо.
Бидејќи пред сè инстаграм е платформа за споделување на фотографии, стандардно прашање ни е со што фотографира и кои апликации/програми ги користи за обработка.
„Фотографирам со IPhone 8 plus, а за обработка користам неколку апликации од кои како поомилени можам да ги издвојам: VSCO, Lightroom и Instagram алатките за обработка.“
За крај, ја прашавме што ја прави среќна?
Многу работи ме прават среќна. Успешен рецепт после многу fail-ови, кафе и сонце, добро извежбан тренинг, убави патувања, викенд без обврски.
Кога ќе видам некого дека сум инспирирала со моите совети, кога ги пробуваат моите рецепти и секако успешна фотографија без многу обиди. ☺️
Мора да признаеме дека и нас не прават среќни добри фотографии од прв обид, но не прават и среќни профилите кои умеат да инспирираат и мотивираат многумина на здрави навики, затоа клик на follow е задолжително нешто кога станува збор за @snestorovskaa.