Категории

Мудра приказна: „Кој е најсигурниот пат до рајот?“

Го запрашале стариот мудрец: „Кажи ни, како се стигнува до небото?“

„Откако ќе умре, човекот продолжува да чекори по патот кој води од вратата на смртта до небесните врати“ – рекол стариот мудрец.

„Но бидејќи небесната врата не се отвара секој ден, се случува човек да мора да чека долго пред неа. Кога конечно, после долго време, вратата ќе се отвори, човекоот веднаш од прагот може да види дали небото е едноставен дом во кој живеат обични и ведри луѓе кои се сретнуваат со Бог во благост и љубов. Човекот поради тоа силно се радува. И така човекот влегува во небото.“

„Кажи ни, како се стигнува до пеколот?“ – го прашале повторно.

Мудриот старец насмевнувајќи се одговорил:
„Откако ќе умре, човекот продолжува да чекори по патот кој води од вратата на смртта до небесните врати. Но бидејќи небесната врата не се отвара секој ден, се случува човекот да мора долго да чека пред неа. И тоа ќе го налути. Кога после долго време, вратата ќе се отвори, човекот веднаш од прагот може да види дали небото е едноставен дом во кој живеат обични и ведри луѓе кои со Бог се среќаваат во благост и љубов. Тогаш човек силно се огорчува, затоа што му станува јасно дека таму нема ништо од сјајот и славата за кои сонувал. И така човекот влегува во пеколот.“

„Кажи ни“, го прашале, „како да го најдеме најсигурниот пат за до небото?“

„Ако не го препознаете небото во себе и во оние кои ги сакате“, рекол старецот, „никаде нема да го најдете“.

Прегледи:
781
Објавено на:
05.12.2020