Астрономите ја направија првата слика на црната дупка, која се наоѓа во далечна галаксија. Изнесува 40 милијарди километри што е три милиони пати повеќе од големината на Земјата – и е опишана од научниците како “чудовиште”. Црната дупка на фотографијата се наоѓа во центарот на масивната елиптична галаксија Messier 87 (М87) во соѕвездието Девица, на растојание од околу 55 милиони светлосни години и е фотографирана со комбинација со осум најмоќни телескопи низ целиот свет.
„Ја направивме првата фотографија од црна дупка. Ова е извонреден научен подвиг, направен од тим од над 200 истражувачи“, изјавил Шепард С. Долеман, директор на проектот ЕНТ.
Професорот Хаино Фалке, од Универзитетот Радбуд во Холандија, кој го предложи експериментот, изјави за BBC News дека црна дупка е пронајдена во галаксија наречена M87.
„Она што го гледаме е поголемо од целиот наш Сончев систем“, изјави тој.
„Црната дупка има маса 6,5 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето. И таа е една од најтешките црни дупки за кои мислиме дека постојат воопшто. Таа е апсолутно чудовиште, шампион во тешка категорија на црни дупки во Универзумот“.
Сликата покажува интензивно светол „огнен прстен“, како што го опишува проф. Фалке, кој е опкружен со совршена кружна темна дупка. Светлиот ореол е предизвикан од вжештениот гас кој паѓа во дупката. Оваа светлина е посветла од сите милијарди други ѕвезди во галаксијата во комбинација – поради што може да се види на толкаво растојание од Земјата. Работ на темниот круг во центарот е точката во која гасот влегува во црна дупка, која е објект што има толку голема гравитациона сила, што дури ни светлината не може да избега.