Категории

Планинар во инвалидска количка се искачи на облакодер висок 250 метри

Лаи Чи-Ваи е првиот човек во Хонг Конг кој со инвалидска количка се искачи на облакодер висок 250 метри. Подвигот е уште поголем, имајќи предвид дека тој го стори тоа со цел да собере пари за луѓето кои страдаат од болести на ‘рбетниот мозок.

Лаи (37) беше парализиран до половината поради сообраќајна несреќа пред десет години. Му беа потребни десет часа да достигне висина од нешто повеќе од 250 метри, но тој не успеа да го достигне самиот врв на 300 метри високата кула „Нина“ на полуостровот Ковлун. “Бев прилично исплашен. Додека се искачував по планините, тогаш можев да се потпрам на карпите и да ги користам шуплините, но ова со кулата, ми даде простор само да се потпрам на јажето на кое висам”, рече Лаи.

Благодарение на оваа иницијатива, беа собрани нешто повеќе од 670 000 долари.
Пред 2011 година, Лаи беше прогласен за шампион на Азија во категоријата качување по карпи четири пати, а во еден момент го освои осмото место во светот. По несреќата, тој продолжи да се искачува прицврстувајќи ја инвалидската количка на системот за ремени.

 

 

Пред пет години тој се искачи на карпата Лав висока 495 метри. “Освен само што живеев, се прашував себеси што е она што ме придвижува? Така започнав да ја следам својата желба, знаејќи дека постои можност да се искачувам по планини, дури и во инвалидска количка”, рече Лаи.

„Некако заборавив дека сум личност со попреченост, сè уште можев да сонувам и сè уште можам да го работам она што го сакам“, додаде тој. Иако не стигна до врвот на облакодерот, од безбедносни причини, Лаи се надеваше дека ќе ја испрати вистинската порака.

„Некои луѓе не ги разбираат тешкотиите на лицата со попреченост, некои мислат дека сме секогаш слаби, дека ни треба помош и сожалување од луѓето“, рече Лаи.

“Но, сакам да им кажам на сите – не мора да биде така. Лице со попреченост може да создаде можност, надеж, светлина и не мора да се гледа како слаба личност”, заклучи храбриот Лаи