Категории

Во Израел се одржа првиот концерт само за вакцинирани

Израел е првата земја што организира концерт за неколку стотици луѓе кои биле вакцинирани против вирусот корона.

Концертот, организиран од градската администрација на Тел Авив, го одржа израелскиот поп-пејач Иври Лидер на стадионот „Блумфилд“, кој прима 30.000 гледачи. Официјално, на концертот присуствуваа околу 500 луѓе и сите носеа маски. Покрај тоа, при влегувањето на стадионот, гледачите морале да покажат потврда од израелското Министерство за здравство дека ги примиле обете дози на вакцината, т.н. „зелен картон“, што важи шест месеци од целосната вакцинација.

Израел започна да ги олеснува ограничувањата во февруари по третиот „локдаун“. Трговските центри и музеи повторно се отворени за сите, но сопствениците на зелени картони добиваат ексклузивен пристап до спортски сали, хотели, театри и концерти, иако со одредени ограничувања. Затворените ресторани и барови треба да бидат вклучени во шемата на зелени картони од следната недела.

Животот сè уште не се врати во нормала, но е на добар пат. Хотелите повторно прифаќаат резервации и се слуша дури и музика во живо. И додека маските остануваат задолжителни, многу постари лица, вакцинирани, престанаа да ги носат на отворено.