Сара Пановска е средношколка од Штип која учи во средното музичко училиште. Уметноста е нејзина определба, обожава да поминува време исполнето со цртање и музика. Иако музиката е нејзин приоритет во моментов, таа создава прекрасни портрети со помош на техника со молив. За нејзините почетоци, љубовта кон цртањето и инспирацијата која ја црпи, разговараме со неа во ова издание на #365среќа.
1. Како започна твојата љубов кон цртањето и како изгледаа твоите први цртежи?
– Уште од мали години ме привлекуваше мешањето на бои и создавањето нови нешта. Моите први цртежи всушност беа портрети на познати светски пејачки каде забележав дека техниката со молив ми лежи и можеби можам да работам повеќе на истата. Вежбав, експериментирав, се усовршував и цртањето прерасна во моја пасија низ годините.
View this post on Instagram
2. Кои техники во цртањето се најинтересни за тебе и колку време ти е потребно да нацрташ еден портрет?
– Најмногу се пронаоѓам во техниката со молив бидејќи мислам дека највеќе ми лежи да цртам конкретен предмет каде што можам да ги доловам карактеристиките и деталите на истиот. Конкретно за изработка на еден портрет потребни ми се од 2 до 3 часа во зависност од предметот.
View this post on Instagram
3. Со оглед на тоа дека учиш во средното музичко училиште, може да се заклучи дека станува збор за една млада девојка која ги сака уметностите. Каде се гледаш во иднина?
– Да, иако сум млада, љубовта кон музиката и конктретно виолината го одреди мојот пат со запишувањето на средното музичко училиште и во иднина се гледам секако како виолинист, но исто така ќе продолжам да се надоградувам и во ликовната уметност.
4. Која е твојата дефиниција за среќа?
– Уметноста е дел од моето секојдневие, нешто преку кое можам да ги искажам моите чувства, а особено среќата.
5. Кои се твоите идни планови и дали планираш да се усовршуваш во техниките на ликовната уметност или пак на неа гледаш како твое хоби?
– Моите планови за во иднина се да се надоградувам во сферата на уметноста, во она што ми лежи, ликовната уметност во моментов ми е хоби, а музиката ми е преоритет, но можеби во иднина ќе одлучам да се усовршам во оваа област. Најважно за мене е да го работам она што го сакам, мислам дека нема поголема среќа од тоа кога работата ти претставува задоволство.
Посетете ги Фејсбук и Инстаграм страниците на Сара и погледнете за каков талент станува збор!