Категории

Македонскиот филм „Медена земја“ го освои Санденс

Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“).

На церемонијата што се одржа во саботата (2 февруари) во Парк Сити, Јута, САД , „Honeyland“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Прв пат во историјата на реномираната манифестација еден проект е награден со три признанија.

„Honeyland“  беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.  Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.