Стара легенда од истокот за сината пеперутка која носи голема мудрост за животот. Откако ќе ја прочитате, ќе ја паметите уште долго..
Постои една легенда од истокот за човекот кој ја изгубил жената и останал сам со две ќерки. Девојчињата биле многу радознали, интелигентни и секогаш жедни за знаење. Постојано го опсипувале таткото со безброј прашања. Понекогаш со нив ја споделувал својата мудрост, но често му било тешко да го пронајде вистинскиот одговор на нивните прашања.
Гледајќи немир кај девојчињата, таткото одлучил да ги одведе кај еден мудрец на врвот од ридот. Мудрецот без многу заобиколување му одговрил на сите прашања на сестрите. Со цел да видат дали е навистина толку мудар колку што се претставува, девојчињата одлучиле да му постават замка.
Една ноќ, девојчињата смислиле еден план: Да му постават прашање на мудрецот на кое тој нема да го има одговорот.
„Како можеме да го надмудриме мудрецот? Што да го прашаме а тој да нема одговор на тоа прашање?“, помалата сестра ја прашала постарата.
„Почекај овде, сега ќе ти покажам“, рекла постарата сестра. Отишла во блиската шума и се вратила после час држејќи во раката мала торбичка.
„Што има внатре?“
Постарата девојка ја пикнала раката во торбата и извадила една прекрасна пеперутка со сини крилја.
„Колку е убава, што ќе правиме со неа?“
„Таа ќе ни помогне да го оствариме нашиот план. Ќе одиме кај мудрецот а јас ќе ја сокријам пеперутката во раката. Ќе го прашам дали таа е сеуште жива. Ако одговори дека е жива, ќе ја стиснам и ќе ја убијам. Ако каже дека е мртва, ќе ја пуштам. Значи, неговиот одговор во секој случај ќе биде погрешен.“
Девојчињата пристигнале кај мудрецот.
„Стар мудреци, можеш ли да ни кажеш дали пеперутката во мојата рака е сеуште жива?“
Старецот се насмевнал и одговорил: „Зависи од тебе. Нејзината судбина е во твоите раце.“
Нашата сегашност и иднина зависат само од нас. Кога нешто ќе тргне на лошо во нашите животи, не би требале да ги обвинуваме другите луѓе.
Сината пеперутка е нашиот живот. И самите одлучуваме што ќе биде со неа.