Категории

Совети за здрава исхрана во текот на бременоста

Бременоста претставува посебен период од животот на жената кој е поврзан со многубројни телесни и емоционални промени. Заради зачувување на здравјето на трудницата, но и раѓање на здраво дете, во овој период потребно е и исхраната на жената да претрпи одредени прилагодувања. 

Идеална граница за масата на жената која сака да забремени е оптимална, со телесен масен индекс (BMI) помеѓу 20 и 26. За време на бременоста исхраната на мајката треба да биде внимателно планирана со цел да ги задоволи зголемените потреби за хранливи материи на мајката, за да се обезбеди правилен раст и развој на плодот. Недоволното, како и прекумереното внесување на храна може да биде штетно, како за здравјето на трудницата, така и за состојбата на детето при раѓањето.

Најголем мит во врска со исхраната на трудниците е тоа дека треба да јадат за двајца. Тие не треба да јадат двојно поголема количина од претходно, но мора храната што ја внесуваат да биде здрава и богата со потребните нутритиенти. Односот на нутритиентите во исхраната за време на бременоста, треба да бидат исти како и кај возрасни и здрави лица, односно 60% од енергијата да биде обезбедена од јаглехидратите, 30% од мастите и само 10% од протеини. Потребите од протеини се зголемени, поради вградување во новите ткива,затоа и кај мајката и кај плодот и треба да се внесуваат протеини со висока биолошка вредност и искористеност. За таа цел во исхраната треба да се вклучат млеко, јајца, месо и соја, како намирници коишто содржат протеини со висока биолошка вредност.

 

Витамини и минерали

Потребите од витамини и минерали се зголемени во текот на бременоста поради поголем внес на енергија и за обезбедување на растот и развојот на плодот. Уште во почетокот на бременоста се препишува трудницата да зема фолна киселина, која што е неопходна за клеточната поделба, за формирање на мозочното стебло, но и го штити плодот од малформации. Покрај таблетите кои се достапни во секоја аптека, фолната киселина може да се внесува и преку исхрана богата со лиснат зеленчук како спанаќ, карфиол, зелка и др. Намирници од животинско потекло кои се богати со фолна киселина се: црн дроб, жолчка од јајце, бубрези и др.

Витаминот C е важен за развојот на коскеното и сврзливото ткиво, како и за синтеза на колагенот. Дневните потреби од 200mg се постигнуваат преку внесување на овошје и зеленчук и најчесто не е потребно да се внесуваат дополнителни суплементи. Честа појава во бременоста е недостатокот на железо, која е придружена со ризик од предвремено породување и мала телесна маса на новороденчето. Често жените ја започнуваат бременоста со мали резерви на железо, па дефицитот многу брзо доаѓа до израз. Исто така потребите се поголеми поради синтеза на хемоглобин и други протеини кои содржат железо. Потребите за железо во бременоста се двојно поголеми во споредба со жените кои не се бремени, па затоа покрај внимателен избор на намирници, понекогаш е потребно да се користат и суплементи. Зеленчукот и месото се главни извори на железо.

Што треба да се избегнува за време на бременоста?

Преминувајќи преку плацентата, алкохолот што го внесува трудницата директно делува врз сите органи на плодот. Трудницата добро го поднесува алкохолот бидејќи има ензимски систем доволно развиен за да се активира за разградување на алкохолот, но нејзиното бебе е изложено на висока концентрација на алкохол во крвта бидејќи ензимскиот систем не е доволно развиен за да ги разгради токсините на алкохолот. На таков начин настанува алкохолна ембриопатија со сите можни телесни и душевни нарушувања. Во бременоста треба да се контролира количеството на кофеин и теин во организмот, односно нивната количина да не е поголема од 300mgдневно. Една шолја кафе или чај во денот е сосема доволно.

За време на бременоста треба да се ограничи внесот на холестерол во организмот, како и некои видови на риби како ајкула и сабјарка коишто содржат амалгам кој може да е штетен. Секоја жена која што е бремена треба да ги избегнува цигарите, затоа што последиците врз плодот се штетни. Кај трудниците кои пушат, во првото тримесечје има почести крварења, но и спонтаните абортуси се чести во овој период. Цигарите влијаат врз плацентарниот крвоток и го намалуваат протокот на крв низ папочната врвка, а со тоа се намалува и исхраната на плодот. Мајките – пушачи почесто раѓаат бебиња со недоволен раст и развој, но и со нарушен дишен капацитет.

Прегледи:
1162
Објавено на:
14.09.2017