Има денови кога мислиш дека твојот живот е неиздржлив, кога ти се чини дека твојата судбина е неуспешен обид за пишување на некој бајковит роман и посакуваш да ги предадеш сите свои битки, но тогаш сфаќаш дека најдобрите нешта почнуваат да се случуваат тогаш кога мислиш дека се е готово.
Кога пред тебе ќе се затвори вратата, откриваш дека не е вината во тебе, нити во друга личност, туку нештата морале така да се одиграат со цел да отворат некоја нова перспектива.
Сфаќаш дека најмногу можеш да научиш од своите слабости и дека тоа е најдобриот пат кон твоето преобликување. Но сето тоа не е лесно и едноставно. Сите би ги менувале околностите и другите луѓе или би ги прекроиле сопствените навики, но не можеме секогаш да имаме се онака како што замислуваме. Тие често ќе бидат најголемиот виновник кога животот ќе постане неиздржлив. Сите сакаме да ослободиме од непотребните нешта околу себеси, но најчесто дел од нив се наоѓаат во нас, во нашите мисли кои ги труеме со омраза и завист.
Има денови кога мислиш дека твојот живот е неиздржлив и кога ќе видиш дека постојат луѓе кои те чуваат како суво злато ти станува полесно да ги пребродиш тие денови. Зошто тогаш да размислуваш за оние кои те гледаат со презир и ти ја загорчуваат радоста, зошто да им дозволуваш да те газат. Само едно нешто треба да направиш, да кажеш „доста“ и да им ги покажеш границите.
Кога ќе престанеш да бараш скриени патишта до среќата и едноставно ќе почнеш да го живееш својот живот, среќата ќе те пронајде сама. Тоа не е некоја возбудлива авантура, тоа е сознание дека можеш да имаш мир и тогаш кога не е се совршено и по твоја волја, кога сите проблеми се присутни но и покрај нив не престануваш да ги согледуваш убавите нешта.