Категории

Бидете задоволни со она што го имате затоа што многу го немаат ни тоа

Не трошете ги своите денови на нешта, не робувајте им на соништата кои нема да ви донесат ништо добро. 

Се сеќавам и ден денес на многу приказни кои ми ги кажуваше баба ми.
Не мислам на бајките со кои некогаш ме заспивала, мислам на оние вистинските животни кои и денес ги носам како пример, како нешто убаво во моето срце. Тешко живеела, како дете, и како жена.

Но се било поинаку. Луѓето се сакале повеќе, си помагале едни на други.
Се работело на нивите по цели денови, со песна. Не постоела механизација како денес, се се работело рачно но со љубов.

Низ глава често ми поминуваат зборовите со кои го опишуваше својот доручек, ручек, вечера..
Шолја млеко, парче погача која ја делела со своите брат и сестра. Компири на безброј начини, а место можеби само еднаш неделно. Сите биле помалку или повеќе гладни, но среќни.
Жените раѓале дома, а голем дел од нив надвор, на поле. Децата биле живи и здрави, фала Богу. Ламбата се палела навечер, и се брзало да се направат колку што е можно повеќе работи пред да се потроши.

Денес со толку многу можности и напредок во науката, ние не сме среќни.
Лути сме, завидливи, депресивни.. Секогаш ни е малку и сакаме повеќе.
Робуваме на нештата кои нити еден од нас нема да ги понесеме со себе на оној свет.
Едноставноста, скромноста и понизноста едвај ги познаваме.
На прво место ни е материјалното, а семејството го ставаме на страна, на чекање за разговор, прегратка, бакнеж..
За се има време, освен за она највредното.

Се натпреваруваме кој ќе направи подобро со погрешните нешта кои ни штетат и нас и на оние кои ги сакаме.
Кога само некогаш би седнале и би се запрашале, дали повеќе вреди поголема куќа на повеќе катови и скап автомобил од нашето дете, пријател, родител..
Дали има смисла да се вложува во животот во нешто немо и студено, дали треба да се откажеме од здравјето поради сјајот и моќта кога ќе им се претставуваме на другите, или треба да се спуштиме на земја и да ги прегрнеме најмилите и да кажеме – Фала ти Боже.
Да го замолиме за сила и доволно леб да не бидеме гладни но да го сочвуваме она најсветлото и да научиме што вистински вреди.

Не трошете ги своите денови на нешта, не робувајте им на соништата кои нема да ви донесат ништо добро.
Прегрнете го човекот покрај себе и упатете му го најубавиот збор, утеха, внесете верба еден на друг, бидете задоволни со она што го имате, затоа што многумина го немаат нити тоа. Не трудете се да бидете ништо друго освен човек.