Категории

Молитвата на тројцата Божји слуги – Мудра приказна

Во еден брод кој пловел по морето, патувале неколку аџии и еден бискуп. Пловејќи стигнале до еден навидум пуст остров..

Во еден брод кој пловел по морето, патувале неколку аџии и еден бискуп. Пловејќи стигнале до еден навидум пуст остров, но потоа откако се приближиле, здогледале три полуголи старци кои стоеле држејќи се за рацете и зачудени гледале во бродот. Бискупот прашал дали некој знае кои се тие старци а му одговориле дека тоа биле тројца дивјаци кои не знаат нити да зборуваат.

„Еве прилика да ги научам да се молат“ – помислил бискупот, и го замолил капетанот да го закотви бродот блиску островот, а потоа со чамец тргнал кон брегот.

Тука стоеле тие тројцата, со зарасната брада и коса а кога го виделе бискупот му се поклониле. Тој ги прашал дали му служат на Бог во оваа самотија, и дали знаат да се молат. Еден од старците насмевнувајќи се му рекол: „Знаеме“ и потоа тројцата ја изговориле молитвата: „Ние сме тројца, ти си тројца, смиувај ни се!“

„Но тоа не е добра молитва“ = рекол бискупот „Јас ќе ве научам на молитвата Оче наш.“ Речиси целиот ден потоа бискупот ги учел да се молат, збор по збор целата молитва Оче наш. На старците им било тешко да ги запомнат новите зборови, постојано ги грешеле и заборавале, но сепак кога веќе паднала ноќта, ја научиле целата молитва онака како што треба.

Задоволен бискупот ги благословил и се вратил назад на бродот, и ја продолжил својата молитва, а бродот набрзо исчезнал од видикот. Бискупот уште некое време стоел на палубата и размислувал како направил добро дело за Бога со тоа што ги научил тројцата дивјаци да се молат. И додека размислувал, забележал некоја светлина како му се приближува на бродот, а кога видел, тоа биле истите тројца старци како трчаат по водата како да е копно, и тоа држејќи се за раце стигнале до бродот и сите во еден глас изговориле: „Слуго на Бога, ја заборавивме твојата наука. Додека беше со нас, некако ја знаевме, но откако замина, ги заборавивме зборовите, еден па друг, и ете сега повторно дојдовме да не научиш.“
Бискупот вчудоневиден одговорил: „Не треба јас да ве учам, деца мои, туку молете се како и досега, и споменете не нас во вашите молитви.“

Прегледи:
660
Објавено на:
06.05.2020