Категории

Среќа на денот: Преубавата приказна за сончогледот

Тој цвет бил исмејуван од сите останати летни полски цвеќиња.

Го сметале за грд. Поради тоа нити еден цвет не го сакал во своја близина поради непријатноста од неговата „грдотија“ и од плашливоста дека ќе ја намали нивната убавина. Дури и животните од фармите го избегнувале и го навредувале. Кутриот цвет страдал многу но никогаш не се поалил нити се обидел да им одговори на ист начин кога тие му се потсмевале.

Живеел така осамен и единствена утеха му била тоа што секој ден ќе гледа во сјајното златно сонце на кое толку силно му се восхитувал. Гледајќи во изворот на својот живот, заборавал на сите понижувања, на светот околу себе, но најлошо му било во тие денови кога сонцето заминувало да се одмори позади облаците. Тие денови со него заминувала и неговата волја за живот се до следното утро кога во зората ќе почнеле да се наѕираат првите зсраци од неговиот единствен пријател.

Големото сонце забележало што се случува со неговиот обожаватели одлучило да му помогне на ова отфрлено битие. Го обвиткал цветот со најсилната топлина и најсјајните зраци и го опкружил со таква светлина што цветот добил посебна круна во магична златна боја која го правела воодушевувачки. Повеќе никој не му се потсмевал и сите го гледале со почит и се прашувало како може такво чудо да му се случи на „најгрдиот“ цвет и како тој одеднаш станал толку убав.

Цветот од тој ден уште повеќе сакал да гледа во сонцето. Од среќа и непрекинато гледање во сонцето се протегал во својата висина со елеганција, дури и ги надминал останатите цветови кои му се потсмевале. Сонцето забележало колку тој цвет го сака и му се восхитува, па одлучило да му го покаже своето пријателство и наклонетост така што му го дало да го носи со гордост името – сончоглед.

Прегледи:
1150
Објавено на:
28.03.2020