Многу е важно на децата на правилен и едноставен начин да им се објаснат материјалните работи, како можат тие да се добијат и да им се долови вредноста на парите. Иако е индивидуално, веќе во 4-тата и 5-тата година на детето можете да почнете да му ја објаснувате вредноста на парите и правилниот однос кон истите.
Некои од советите кои можете да ги користите во секојдневните животни ситуации се следните:
- При подигнување на пари од банкоматот објаснете му на детето дека не може да се подигнат толку пари колку што сакате, можат да се подигнат толку колку што имате на својата сметка, односно колку сте заработиле. Помогнете му на детето да го сфати системот работа-плата-потрошувачка.
- При плаќањето на некои работи или услуги објаснете му на детето која е нивната цена, а износот споредете го со вредноста на неговата најдрага играчка за да ве разбере (пр. цената на оваа намирница која ја купивме е 400 денари. Толкава цена имаше и играчката која ја купивме).
- Објаснете му на детето дека различни работи имаат различна вредност која се искажува во количина пари кои треба да се издвојат за нивно купување. Иако децата во предшколска возраст не ги разбираат математичките поими, ваквото објаснување ќе им помогне полесно да го усвојат тоа кога ќе бидат и когнитивно зрели за истото.
Вакви објаснувања можете да користите и во ситуации кога детето сака пр. една скапа работа, а вие да му понудите и објасните дека за таа една работа може да купи две поефтини. На тој начин детето ќе учи да носи вистински финансиски одлуки. - Откако од паричникот и џебовите ќе ги извадите ситните метални пари, немојте веднаш да ги ставите во фиока. Со тоа на детето му пренесувате порака дека малата количина на пари немаат вредност. Наместо тоа, металните пари ставете ги во некој сад, а кога ќе се наполни заменете ги и на пример однесете го детето во кино. Така на детето ќе му покажете дека и со собирање на ситни пари со текот на времето може да се направат одредени работи и го учите на правилен однос кон парите и штедењето.
- Ако вашето дете сака на пример нов велосипед, договорете се со детето со колкав износ сте подготвени да му помогнете, па помогнете му да смисли план како да го собере остатокот од парите кои се потребни за велосипед. Така детето го учите како да носи одлуки при купувањето, како да штеди, како да избере од кои желби не треба да се откаже, а кои е подобро да ги заборави. Детето ќе се однесува со многу повеќе почит кон работите за кои и тоа штедело, отколку кога тие само би се појавиле.
- Исто така е важно детето од мало да се научи дека е важно да им се помага на другите. Едноставни примери, како да му се дозволи да стави метална паричка во кутијата за донации или да купи подароци за децата сместени во дом, испраќаат порака кон детето дека парите може да служат и за помагање и грижа кон другите.
Објаснувајте му ја на детето разликата помеѓу материјалните и нематеријалните работи кои можат да не направат посреќни. Важно е детето од најрана возраст да се учи на вистинските човечки вредности како љубовта и почитувањето. Да научи дека вредноста на семејството е непроценлива и дека времето кое го поминувате заедно е повредно од сите пари.